Лазаров: Да бев само селектор ќе ми беше потешко!

Македонија го вџаши светот, го совлада најдобриот ракометен состав на денешницата и сега растоварено ќе патува за утрешниот реванш, во Алборг. Најголем дел од честитките отидоа на адреса на Кирил Лазаров, кој дебитираше како селектор, иако истовремено ја продолжи својата функција на капитен, на теренот.

Лазаров не го почна натпреварот, но откако влезе во 12. минута постигна четири гола до крајот и учествуваше во многу акции за гол. Задоволството се гледаше и на неговото лице, а не го криеше и со зборови, по натпреварот. Откако преспаа и победата над Данска им легна на сите од репрезентацијата, капитенот и селекторот рече дека нашиот настап му изгледа уште подобар.

„Задоволен сум и горд на ова што го направивме. Можеби за мене малку неочекувано лесно ја добивме Данска. Сега имавме видео-сесија, анализа на натпреварот и дури на видео ми изгледа многу подобро, отколку што ми изгледаше на самиот натпревар, можат да се увидат некои детали. Уште еднаш сакам да им честитам, на играчите и на стручниот штаб и на сите инволвирани. Го направивме тоа што го направивме, сега да се посветиме уште повеќе, да се надградуваме. Најважно е наредните 7- месеци да се обидеме да создадеме една квалитетна база, во која ќе имаме 20-25 квалитетни играчи, кои би можеле во секој момент да влезат на терен и да не почувствуваме разлика во квалитет, да парираме на големи репрезентации“, рече Лазаров.

Ретко се гледаат играчи-тренери во врвниот спорт, играч-селектор уште поретко, а она што е уникатно е нивото на игра која ја прикажа Македонија, само два месеца откако губеше по 15 разлика од репрезентации послаби од Данска. Заслугата е на сите како колектив, но европските медиуми му се поклонија на Лазаров, велејќи дека е ракометно чудо. Тој, пак, вели дека му одговара ваквата двојна улога, колку и да е напорна.

„Баш кога доаѓавме кон салата, за натпреварот, разговарав со мојот стурчен штаб дека сум селектор, ама го немам тоа чувство, некако уште се соживувам како играч. Јас еднаш кажав дека многу пати и во репрезентацијата и во клубовите каде што сум настапувал сум бил десна рака на тренерите и селекторите, сето ова ми е познати и ми одговара искрено оваа улога на селектор-играч. Мислам дека многу потешко би ми била улогата само селектор, тогаш не би можел да делувам внатре, би морал само да бидам од надвор. Вака кога сум на теренот можам и сам да носам некои одлуки и да можам директно да влијаам на резултатот и на играта“, се изјасни Лазаров.

Меѓутоа ни оддалеку не е лесно и признава дека е понапорно од порано. Сепак, ако нешто се сака, секогаш се наоѓа енергија.

„Ме исцрпува, затоа што се подготвувате за тренинг, треба да го подготвите самио тренинг, треба да размислувате за тактика, за својата репрезентација, за противникот, треба да размислувате за 20 играчи. Со сите да разговарате индивидуално, да ги слушнете нивните проблеми, сите имаат некои побарувања и би требало добро да го изменаџирате тоа. Меѓутоа, влегов со голем ентузијазам, сакам да ја работам оваа работа и во иднина и знаете, кога нешто сакате, се наоѓа секогаш енергија плус“, вели селекторот.

Заедно со комплетната експедиција, полетуваат кон Алборг денеска во 14 часот, пред натпреварот кој се игра утре, во 16. Во составот има само една промена, Михаил Аларов, на местото на повредениот Стојанче Стоилов.