Лазаревски: Катарците се стари, ама не и наивни - со прав пристап можеме до победа!

Македонската репрезентација денешниот слободен ден на СП 2025 го искористи за одмор и рекуперација пред утрешниот втор меч од втората фаза против Катар (15.30 часот) во кој ќе ја брка втората победа на шампионатот.

Еден од најголемите адути на селекторот Кирил Лазаров и на оваа средба ќе биде кружниот напаѓач на Вардар, Милан Лазаревски.

„Катарците во вчерашната пресметка со Холандија (пораз во последна секунда - н.з.) покажаа дека не се наивен противник, иако нивните бекови се во поодминати години во нивната кариера. Но и со тежината на возраста покажаа дека можат многу да придонесот, одиграа навистина на високо ниво. Очекувам еден поинаков натпревар, но ако пристапот ни биде вистински како што  покажавме досега на ова првенство, можеме да дојдеме до позитивен исход“, изјави Лазаревски.

Македонија во моментов има два бода и е на петтата позиција пред Катар, кој е последен во групата без ниту еден бод.