Душебеав: Го разбирам Раул зошто така направи!

Високиот пораз од Шпанија не е реална слика за силата на Македонија, а како што се реакциите од таборот на противниците и самите тие биле изненадени што во второто полувреме играа против нашата втора постава.

Поранешниот вардарец, Алекс Душебаев, признава дека се намачиле во првиот дел, кој заврши со 13-12 за Шпанија, но и дека биле изненадени што толку рано Македонија се предаде. Сепак, вели „го разбирам Раул“.

„Во првото полувреме Македонија играше многу подобро од нас, а ние не бевме на нивото кое што го посакувавме. На почетокот на второто полувреме дадовме малку повеќе во нашата одбрана, пресековме неколку топки и беше полесно за нас. Верувам дека Раул размислил оти утре со Исланд ќе биде тешко, повлече некои играчи како Лазаров и во таква ситуација секогаш е полесно. Искрено, не очекувавме дека тоа ќе се случи, ние само сакавме да го одиграме добро второто полувреме, со оглед колку проблеми ни направи Македонија во првото полувреме. Разбирам, кога имате играчи оптоварени со голема минутажа, морате да размислувате и за утре не само за денеска“, изјави Душебаев по мечот.

Тој шутна по четири пати и против Исланд и против Македонија, но со нив не постигна гол, а нам ни даде два. Го прашавме како ги мери силите на Македонија и на Исланд.

„Мислам дека ќе биде многу тешко и за Македонија и за Исланд. Тие знаат дека ова е најважниот натпревар, единствниот начин за да се пласираат во главната фаза и...навистина не знам како ќе биде. Јас ѝ посакувам на Македонија да победи, ама знам дека Исланд е многу силен“, рече Душебаев.