Цветковски: Не ми пречи тоа што немам искуство од ЛШ или од некое првенство!

Покрај повратникот Немања Прибак, ново име во составот на Раул Гонзалес е голманот Јане Цветковски. Првпат е на репрезентативен собир и ова му е, можеби, единствена шанса да ги покаже своите способности, кои одекнаа на клупско ниво.

Цветковски си го најде своето место во шведското првенство, прво во Хелсинборг, сега и во Истад и затоа стигна до радарот на Раул Гонзалес.

„Ова е за мене нешто ново и да бидам искрен неочекувано. Тоа што го направи господинот Раул е голема чест и задоволство за мене. Во овие недела дена тренинзи се надевам дека ќе го оправдам повикот“, вели 30-годишниот Цвтековски.

За разлика од своите колеги од репрезентацијата, па дури и од 20-годишниот Мартин Томовски, кој овој пат не беше повикан, Цветковски нема репрезентативно минато, ниту пак бранел во Лигата на шампионите. Вели дека тоа не му значи ништо во обидите да биде што подобар.

„Напротив, тоа ми претставува мотивација. Јас доаѓам од школата на Пролет и тоа што не играм ни Лига на шампиниони или, пак, на претходно Европски и Светски првенства не ми пречи. Ако е човек квалитетен секаде ќе биде квалитетен. Квалитетот се гледа секаде, не мора да е само на првенства и ако го има, порано или подацно ќе излезе на виделина“, ја кажа Цветковски својата филозофија.

Ќе има пет дена да се докаже, а ако остави впечаток, можеби ќе влезе и во плановите на Раул за ЕП во Хрватска, во јануари.

„Дојден сум тука да работам, она што треба да го направам, ќе го сработам, но немам очекувања“, сподели Цветковски.

Тој потекнува од Тинекс Пролет, играше во Словачка, во екипата на Тополчани, а во БиХ, во тимот на Босна. Во Шведска замина лани, прво во Хелсинборг, сега во Истад, тим од горниот дел на табелата, кој се бори за место во Европа и често се истакнува со одлични партии.