Продолжи беспрекорната серија на Вардар и во петтиот официјален натпревар во новата сезона, четврти во СЕХА, против Татран Прешов.

Вардар го совлада словачкиот шампион многу поубедливо од што кажува конечниот резултат 32-28. Конечната разлика е резултат на опуштање на црвено-црните во завршницата, иако во вториот дел долго беа убедливи, достигнувајќи ја и највисоката предност со девет разлика.

Уште во првото полувреме му дадоа до знаење на Татран кој е кој во натпреваров, иако играа без Даинис Криштопанс, Жоан Кањелјас и без Страхиња Милиќ и со Арпад Штербик на клупата во сите 60 минути. Вардар се одлепи на 16-9 во 27-минута, запирајќи го нападот на Татран шест минути и тоа беше главната причина што на пауза замина со бисоки 18-11.

Во второто полувреме ја одржуваше предноста од седум гола и покрај тоа што во тимот, речиси, постојано играа младите Тоше Ончев, Мартин Поповиќ и голманот Даниел Ѓорѓески. Во 51. минута Ончев погоди за 29-20, што беше највисоко водство на мечот, а потоа настапи падот, кој го исцрта конечниот резултат.

Татран постигна четири гола едноподруго, значајно намали, а со пенал во последните секунди дојде до примерни четири разлика. Дури петмина ракометари на Вардар имаа по четири гола, Мораес, Карачиќ, Циндриќ, Борозан и Шишкарев кој немаше промашување. Ѓорѓески беше солиден на голот со седум одбрани.

Вардар останува прв во СЕХА со 12 бода од четири натпревари.