Брестовац: Имаме добра можност да ја забележиме првата победа

Металург во среда (20.15 часот) на домашен терен против Железничар ќе ја бара првата победа во СЕХА-лигата и воопшто во сезоната. Македонскиот вицепрвак има само едно реми од пет натпревари во регионалната лига, а српскиот тим е добра можност за премиерна радост. 

Во редовите на Металург се чувствува мал замор поради двете гостувања во Лигата на шампионите кај Силкеборг и Чеховски Медведи, но избраниците на тренерот Данило Брестовац ги интересираат само три бода во среда 

„Убава можност за добар натпревар. Го респектираме противникот. Ова е шанса за да одиграме добро и да ја забележиме првата победа. Заморени сме после двете патувања во Лигата на шампионите. Работиме на играта за Железничар. Направивме анализа на последниот натпревар, а тоа ќе ни овозможи за следниот дуел. Имаме два тренинга на кои ќе треба да се подготвиме. Заморот ни е непријател. Имаме добра можност да одиграме добро и да забележиме победа“, истакнува тренерот Данило Брестовац.

Голманот Никола Даниловски бранеше одлично на средбата против Чеховски Медведи, па ќе се обиде да ја прикаже истата форма и против Железничар.

„До минатото коло Железничар исто како и ние немаше победа. Го победи против Извиѓач, а ние сме мотивирани за добар резултат. Немаме победа и мораме да одиме на триумф. Сконцентрирани сме на оваа средба и од името на сите ракометари можам да кажам дека ќе го дадеме максимумот на теренот. Не го потценуваме противникот туку напротив повеќе се мотивираме. Имаме мотив плус и поради тоа што имаме лоша серија. Сите веруваме во победа на овој натпревар“, вели Даниловски.