„Вардар е еден од шесте тима кои импресионираа овој викенд“

ЕХФ направи анализа на случувањата во Лигата на шампионите овој викенд и ги издвои шесте најимпресивни екипи. Се разбира, елитното друштво не можеше да помине без Вардар, кој оствари фантастична победа над Рајн-Некар (30-26).

Вардар остана единствената непоразена екипа во групата А, но покрај резултатите и бројките импонира нивната форма на теренот.

„Гостувањето на Рајн-Некар во Скпоје, во мечот на колото претставуваше уште еден голем тест за Вардар – а тие поминаа со одлична оценка. Македонскиот тим стави крај на непобедливата серија на „Лавовите“ од Манхајм со 30-26. Тоа беше веќе вторпат како урна на под еден џин, откако ја победија и Барселона, претходно во групната фаза. Со оваа победа Вардар се одлепи четири поени пред германскиот тим на врвот од групата А. Пораз ќе ја отвореше групата, но тоа не беше опција за актуелниот европски шампион. Вардар сега е непоразен во 13 натпревари од Лигата на шампионите“, пишува ЕХФ.

Покрај Вардар, меу шесте екипи кои импресионираа според ЕХФ се ПСЖ со триумфот на гости кај Веспрем, победата на ПИК Сегед против Барселона, потоа Фленсбург, Скјерн и Монпелје.