ПСЖ го совлада Пик Сегед и направи чекор кон четвртфинале во ЛШ

Францускиот ракометен гигант ПСЖ славеше на гостувањето кај Пик Сегед со 31-30 во првиот меч од плејофот во Лигата на шампиони (ЛШ).

Парижаните подобро го отворија мечот и ја одржуваа предност од еден гол до 7-6, по што домаќинот направи пресврт (10-9). Водството не се задржа долго на страната на Пик Сегед бидејќи ПСЖ повторно се разигра и на паузата замина со 14-13.

По израмнетиот почеток на второто полувреме, ПСЖ направи исчекор кон победата и со одличниот напад стигна до 28-24. Пик Сегед не се предаваше и успеа да одговори на противничките напади за на крајот да намали на 30-31.

Камил Шипжак беше најефикасен во победничкиот состав со осум погодоци, додека Лазар Кукиќ постигна шест голови за Пик Сегед.

Реваншот меѓу двете екипи е закажан за 3 април од 20.45 часот.