ТФТ и МКК Куманово според планот - ништо не се смени на табелата

Екипите на ТФТ и МКК Куманово славеа во последните два натпревара од 21. коло на Првата македонска кошаркарска лига и останаа во борба за втората позиција на табелата.

ТФТ на гости го победи Тиквеш со 66-63, додека МКК Куманово на домашен терен беше подобар од Чаир во маратонскиот меч со 97-74. Со тоа се затвори кругот во ова коло во кое се сретнаа екипи од топ-6 против тимови од 7. до 12. место и славеа фаворитите. Така, ништо на табелата не се смени и во последното коло ќе се одлучува за конечниот пласман пред плејофот и плејаутот.

Тиквеш вечерва беше во негатива речиси цел натпревар, ТФТ водеше и со 18 поени разлика, но домаќините во финишот сепак добија шанса да се изборат барем за продолжение. На десетина секунди пред крајот Говенс ја загуби топката, кошаркарите на Тиквеш тргнаа во контранапад, Младеновиќ имаше шут за тројка, за продолжение, но беше непрецизен и времето истече.

Браун со 21 поен и 8 скока беше најдобар играч на ТФТ кој во последното коло го пречекува Пелистер и со победа ќе го освои второто место на табелата пред плејофот. Глигоријевиќ со 21 поен заврши како прв стрелец на домашниот тим.

И МКК Куманово ја потврди фаворитската улога и немаше никакви проблеми со својот денешен противник. Единствениот период кога Чаир се закани беше пред прекинот кога гостите се доближија на три поени негатива, но изгледа дека долгата пауза остави трага врз нив, па кумановци во продолжение доминираа и покажаа дека имаат квалитет за високи дострели.

Тадиќ со 30 поени беше најдобар играч на натпреварот, додека во домашниот тим се истакна и Луковиќ со дабл дабл од 12 поени и 15 скока. Прв стрелец на Чаир беше Кели со 25 поени.