
Македонското пливање се обедини - нов претседател е Сашо Лазаровски!
Долги години македонското пливање беше разединето, постојано со паралелни федерации, едната на Александар Маленко, другата на останатите. На поделбите им дојде крајот, одржано е изборно Собрание кое ги обедини сите.
На изборното Собрание за нов претседател на Националната пливачка федерација едногласно беше избран Сашо Лазаровски.
Изборот на новиот претседател го поздрави и министерот Борко Ристовски кој беше и иницијатор за обединување на луѓето од пливањето.
„Сакам да ги поздравам сите што ја прифатија мојата иницијатива за обединување во пливањето и да го повторам тоа што го кажав на состаноците со претставниците од двете страни. А, тоа е дека по изборот на новиот претседател на Национална пливачка федерација, Министерството за спорт ќе посредува и директно ќе помага во решавање на проблемите што беа натрупани во овој спорт и дека во најбрз можен рок сметката на федерацијата ќе биде одблокирана. Не смееме да дозволиме поделбите да одат на штета на пливањето, на пливачите и на сите деца што се занимаваат со овој спорт“, рече министерот Ристовски.