Металург збунет и инфериорен: Бешикташ не пропушти бодови во Скопје

Металург не го искористи првиот домашен натпревар во Лигата на шампионите за да мрдне од нулата, на бодовното конто, бидејќи загуби од Бешикташ, со 27-31.

Посакуваа многу, ветуваа максимално залагање, но на крај резултатот изостана. Металург не успеа да ја ослободи својата игра од ситните грешки, кои носат крупни последиции и, главно, поради тоа го доживеа и вториот пораз во Лигата на шампионите.

Бешикташ требаше да биде рамноправна екипа, која пружа шанса за победа, но така не почна средбата. Турците презедоа контрола, поведени од својот одличен голман Карим Хендави, кој првиот дел го заврши со седум интервенции. За разлика од него, Дарко Арсиќ не фати ниту една топка во првиот полчас, затоа претставуваше вистински успех што тој заврши со 14-14

Металург на двапати губеше со четири разлика, вторпат со 10-14 на пет минути до паузата, но благодарение на неколку грешки на Турците го доведе резултатот на „нула“. Во вториот во играта „се вклучи“ и голманот Арсиќ, па Металург почна и да води, во 38. минута првпат и со два разлика, 19-17. Сепак, настапи се јави „вирусот“ во играта на македонскиот вицешампион, па почнаа наивно да губат напади, со лошо водење или додавање, со избрзани пробивања, а Бешикташ имаше доволно искусни поединци за да го материјализира тоа.

Последно беше нерешено на 23-23, по 47 минути игра, а потоа Бешикташ направи серија од 6-1 и оттука немаше враќање. Покрај голманот Хендави, кој заврши со 12 одбрани, најзаслужни за победата на Бешикташ беа Нуиќ и Доне со по седум гола, а македонскиот репрезентативец Немања Прибак постигна шест. Кај Металург, Јагањац беше најефикасен со девет погодоци, по четири имаа Кузмановски и Илиќ.

Следната шанса за први бодови Металург ќе ја има на 30 септември, повторно дома, со Спортинг.