Каде отиде Алексе Душебаев: Кјелце загуби кај Мешков Брест!

Се случи првото изненадување во Лигата на шампионите и тоа на сметка на ланскиот шампион, Кјелце.

Полјаците заминаа во Белорусија и се вратија поразени со 25-28 од Мешков Брест. Новиот тим на доскорашниот вардаров миленик, Алекс Душебаев, важеше за фаворит на ова гостување, особено што Мешков покажа дека не е во некоја завидна форма и со поразот во Скопје од Вардар, во СЕХА.

Сепак, Белорусите го земаа водството уште рано, го негуваа до 15-11 на паузата, а потоа во вториот дел не му дозволија на Кјелце ни да се доближи опасно. За победа на Мешков најзаслужни беа Шкурински, Никуленков и Игропуло со по пет гола. Кај Кјелце најефикасен беше токму довчерашниот Вардарец, Душебаев со четири гола.

На останатите саботни натпревари, покрај победата на Монпелје против Металург, очекувани бодови освоија и Фленсбург против Алборг (30-27) и Веспрем во Целје (31-39), а по еден си поделија Кристијанштад и Загреб, ремизирајќи со 28-28.