Монпелје е друга класа: Металург си оди од Франција со минус 10!

Со очекуван пораз на гостувањето кај Монпелје, Металург ја отвори новата сезона во Лигата на шампионите.

Македонскиот вицепрвак не можеше да направи сензација во Франција и загуби со 22-32 од фаворитот број еден во групата Д. Ако е нешто за утеха, тоа е фактот дека Металург беше пристоен во второто полувреме, откако во првото Монпелје му најави вистинска катастрофа, добивајќи го со 19-11.

Само почетокот беше поднослив за Металург, кога имаше минимално водство и подоцна, до 15. минута, кога се држеше на 7-6. Потоа дојде до израз разновидноста на францускиот напад, но за волја на вистината и македонскиот тим помогна со чести грешки во својата офанзива.

Монпелје погодуваше од сите страни, најмногу од контра, Дарко Арсиќ беше немоќен, постојано соочен со зицери, па водството на домаќинот драстично порасна. Од 15. до 25. минута Металург постигна еден, а прими седум гола, оттука јасна е високата разлика на паузата.

Вториот дел беше многу попристоен за Металург. Пред се, нападот тргна поагресивно и побрзо, а на Жарко Пешевски, кој дотогаш беше единствениот расположен за голови, му се приклучи и Халил Јагањац. Монпелје поведе со највисоки 24-14 во 40. минута, а потоа Металург намали. Помогна и Мартин Томовски на голот, кој тогаш влезе и веднаш нанижа четири одбрани, па негативата падна на шест гола, 27-21 во 50. минута.

Тренерот на Монпелје, Патрис Канаје, можеше да си дозволи да ротира и да ги искористи сите од клупата, па и свежината придонесе Монпелје, сепак, да заврши со двоцифрена победа. Јагањац беше прв стрелец со шест гола, Кузмановски постигна пет, Пешевски и Велковски по четири. Најефикасен кај Монпелје беше Гигу, исто така со шест гола. Следниот натпревар за сините е Бешикташ, на 24 септември, во Скопје.