Добра вест за Вардар и МЗТ: Владата (ќе) дозволи повеќе публика на трибините!

Денешната препорака на Комисијата за заразни болести за дозвола за зголемување на капацитетот на исполнетост во објектите од затворен тим од 50 на 75-отсто е добра вест и за спортските клубови кои играат во сала, со оглед што ќе можат да продаваат за една третина повеќе билети од бројката која досега ја ставаа достапна на своите фанови.

Оваа препорака на членовите на комисијата се очекува наскоро да биде прифатена од Владата, како и сите претходни во изминативе две години, по што ќе стапи и официјално во сила. Ваквата промена, пред сè, ќе биде добредојдена за ракометниот шампион Вардар и за кошаркарскиот првак МЗТ Скопје, кои во следниот период имаат домашни обврски кои се очекува да привлечат големо внимание.

Вардарци кон крајот на месецов ќе го пречекаат унгарски Веспрем во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите (ЛШ), дуел за кој уште сега владее голем интерес, па воопшто не треба да се сомнева дека и дополнителната третина од билетите ќе биде продадена речиси „преку ноќ“. Тоа ќе значи дека трибините во „Јане Сандански“ ќе може да бидат исполнети до две третини од вкупниот капацитет, што округло е околу 5.000 гледачи, кои и тоа како ќе можат да им помогнат на избраниците на тренерот Давид Дејвис.

Аеродромци кон средината на следниот месец ќе бидат домаќини на завршниот турнир од АБА2-лигата исто така во спортскиот центар во оваа општина, што значи дека и тие ќе може да сметаат на далеку поголема помош од навивачите. Сино-белите на фајналејт-пресметката влегуваат со огромни амбиции, а токму големата поддршка од трибините на патот кон посакуваната цел е една од причините поради која и се пријавија за домаќинство на овој настан. Одлуката на комисијата им носи можност да дозволат присуство на поголем број фанови од предвиденото, што секако ќе биде од ќар за кошаркарите предводени од тренерот Александар Петровиќ.

За жал, ваквата одлука нема да стапи во сила пред одигрувањето на дуелот на ракометната репрезентација на Македонија против Романија, закажан за утре во склоп на првата фаза од баражот за пласман на СП 2023. Оваа одредба, секако, ќе важи за сите спортски манифестации во државата, без разлика на рангот на натпреварување и вкупниот капацитет на спортскиот објект, секако кога предлогот на комисијата ќе биде официјално усвоен од Владата.