„Горди сме што Охрид е домаќин на ваков настан, сакаме барем финале“

Екипата на Охрид вторпат во три години е домаќин на еден фајнл-фор турнир, но за разлика од минатиот пат сега и тие се учесници, па поради тоа и домашната публика ќе има свој фаворит.

На денешната прес-конференција како организатор на турнирот присуствуваше и Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков кој изрази големо задоволство што Охрид повторно е домаќин на еден од најголемите спортски настани кај нас.

„За нас ова како град е втор Ф4 во последните три години и за разлка од минатиот пат, сега и Охрид учествува. Се надеваме дека ќе бидеме добри домаќини и организатори и во иднина повторно да организираме еден ваков голем спортски настан. На турнирот ќе настапи сигурно најдобрата четвртока во последните години во македонскиот ракомет и нека победи најдобриот“; изјави Пецаков.

Претставникот на ГРК Охрид, Славчо Ристески изрази задоволство дека, недостатоците ако ги имало минатиот пат, сега ќе се надминат.

„Ние организиравме фајнл-фор и куп пред две години, се надевам дека ако тогаш имаше недостатоци сега ќе ги надополниме, а како претставник на Охирд се надевам дека ќе го играме барем финалето утре“, изјави Ристески

Охрид своето полуфинале го игра денеска во терминот од 17:30 часот против Алкалоид.