„Алкалоид има проблеми со повредени играчи, но ќе се обиде да го одбрани трофејот“

Бранител на трофејот во ракометниот Куп на Македонија е екипата на Алкалоид за која ланскиот успех беше прв од ваков вид во нејзиното постоење.

Сезонава Алкалоид е во финалето од ЕХФ Европскиот куп, а во Купот на Македонија може да го има истиот пат како и минатата година. Во полуфиналето се среќава со Вардар и ако победи, можно е да има реприза на ланското финале. Каква е моментната состојба во тимот, на денешната прес-конференција објави претставникот на Алкалоид, Зоран Цветановски.

„Жал  ми е што не можете да добиете информации од тренерите и капитените на екипите. Овој фајнл-фор за нашиот клуб е специјален. Како што велат потешко е да одбраниш трофеј, отколку да го освоиш. Нашиот клуб се соочува со таков предизвик и ќе се обидеме да ја оствариме таа цел. Се соочуваме со сериозни проблеми со повредени ракометари, исто така играме на три фронта, но ние како Алкалоид секогаш ќе настапиме со желба за одбрана на трофејот, без разлика во каков состав ќе излезе“, изјави Цвеетановски.