По Пелистер, Тиквеш и Вардар, вицешампионот Алкалоид вечерва обезбеди пласман на завршниот турнир од Купот на Македонија.

Во финалето од квалификацискиот турнир од групата 2 што се одржа во Автокоманда, Алкалоид беше подобар од Бутел со 23-20 во натпревар во кој гостите долго време го диктираа темпото. На полувреме Бутел отиде со предност од два разлика (11-9), но работите брзо се вратија на своето место.

Во вториот дел Алкалоид почна многу поангажирано и сконцентрирано, па во 51. минута стигна до највисоката предност (20-17). Тоа се покажа доволно во финишот во кој Бутел немаше сили за изненадување.

Мартин Серафимов со 9 гола беше најефикасен играч на мечот, Младеновиќ и Митев постигнаа по три, а голманот Благојче Трајкоски оствари 13 одбрани. Димитар Ѓеорѓиевски со шест гола го предводеше Бутел. Завршниот турнир од Купот на Македонија ќе се игра во мај.