Наполи може да го „прибере“ Пиоли ако добие отказ од Милан, но ќе мора да прифати помала плата

Искусниот италијански стручњак Стефано Пиоли има опција за продолжување на кариерата ако Милан одлучи да ја прекине соработката со него на крајот од оваа сезона.

Медиумите на Апенинскиот полуостров тврдат дека Пиоли би можел да се пресели во Наполи кој, наводно, веќе доставил понуда за соработка, почнувајќи од идната сезона. Таа изнесува 6 милиони евра за две сезони, односно 3 милиони годишно што е помала сума од онаа која Пиоли ја добива во моментов во Милан, а која изнесува 4 милиони евра.

Под водство на Пиоли, Милан ја освои шампионската титула во Серија А пред две години, но оттогаш не дојде до ниеден трофеј поради што италијанските медиуми почнаа со шпекулации за негова замена на крајот од оваа сезона. Милан повторно ќе игра во Лигата на шампионите што беше основна цел, меѓутоа раководството не би прифатило уште една година без пехар.