Бобан Илиоски е светски шампион во кикбокс ВАКО ПРО!

Македонскиот кикбоксер Бобан Илиоски вечерва славеше со судиска одлука против Турчинот Берк Дузенли во салата „Јане Сандански“ во Скопје и стана професионален светски првак во кикбокс на ВАКА ПРО, во дисциплината К1 до 88,6 килограми.

Најдобриот македонски спортист и неговиот ривал имаа динамичен почеток на борбата, при што разменија голем број на удари.

Дузенли беше подобар во втората рунда и со неколку силни удари го погоди македонскиот борец, кој се обиде да возврати во последната минута, но турскиот кикбоксер постојано возвраќаше.

Илиоски во првите две минути го погоди противникот во главата неколку пати, но потоа Дузенли се врати во борбата и во завршницата го нападна македонскиот борец.

Борците и во следните две рунди понудија голема размена на удари, при што Илиоски со колено го „стресе“ противникот, но тоа не беше доволно за да го нокаутира.

Илиоски, сепак, беше прогласен за победник и стана професионален светски првак во К1 дисциплината.

Претходно македонскиот кикбоксер Димитар Ѓорѓиев беше поразен со судиска одлука од Србинот Никола Миљковиќ.