Главоболки за Берокал: Двајца повредени, дополнителен повик за Робев, на тренинг и Магдевски (ФОТО)

Македонската кошаркарска репрезентација утринава го одработи првиот тренинг во пресрет на натпреварот против Кипар, втор во рамките на вториот круг од претквалификациите за пласман на ЕП 2029.

Селекторот Жозеп Марија Берокал на располагање го имаше најголемиот дел од повиканите кошаркари, но здравствениот билтен повторно му создава одредени проблеми на стручниот штаб. На првиот собир присуствуваа, но не беа активни неколку репрезентативци. Поради повреда на левиот бутен мускул здобиена на последниот меч за Башкими, надвор од конкуренција е Валмир Какруки, а дуелот со Кипар поради повреда ќе го пропушти и Андреј Андоноски. Поради ваквата ситуација, стручниот штаб испрати дополнителен повик до Дамјан Робев од редовите на лидерот во МТЕЛ Суперлигата, Работнички.

Од друга страна, позитивна вест е присуството на Андреј Магдевски, кој постепено се враќа во натпреварувачки ритам по операцијата на предните вкрстени лигаменти, како и на Андреј Јакимовски, кој е во процес на рехабилитација по повеќе од еден месец пауза во неговиот нов клуб, Наполи. Утре на тренингот ќе се приклучи Ненад Димитријевиќ, додека Мозе Рајт се очекува в среда да дојде во Скопје поради обврските со Олимпија Милано во Евролигата.

До натпреварот со Кипар, кој е закажан за четврток (26 ноември) со почеток во 18 часот во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје, националниот тим ќе одработи уште три тренинзи.