Вардар удри по тренерот на Тиквеш: Дали и во неговата „дежела“ играат илегални мигранти?!

Во денешната реакцијата по анализата на Судискиот одбор на ФФМ, челниците на Вардар упатија остри прозивки и до тренерот на Тиквеш, Оливер Богатинов, откако тој претходно изјави дека скопскиот клуб е фаворизиран во македонското првенство.

Од клубот го повикаа словенечкиот стратег да одговори дали во неговата „дежела“, како што се изразија, Фудбалскиот сојуз на Словенија дозволува настап на фудбалери со лажни и фалсификувани лекарски документи. Дополнително, од Вардар побараа појаснување дали во Словенија е дозволен престој и работа на лица без валидна документација за престој.

„Бидејќи ако во Словенија важат едни правила, а овде Богатинов смета дека може диво и незаконски да се функционира, тогаш тоа е сериозна навреда за секој Македонец и за Република Македонија во целост.“

Со овој став, клубот ги оцени изјавите на Богатинов како неприфатливи во однос на почитувањето на законите и правилата во земјата.