
Динамо може да остане без Македонци - и Адеми е пред заминување!
По враќањето од кратката епизода во Кина во текот на летото 2023 година, Адеми одново е пред заминување, сега поради незадоволителната минутажа во актуелната сезона.
Иако забележа 26 настапи, искусниот фудбалер за врска одигра вкупно само 1.213 минути, што претставува просек од околу едно полувреме по натпревар. Во повеќето средби влегуваше од клупата, играјќи улога на „џокер“.
Динамо веќе работи на летната реконструкција и планира да ги засили редовите со имиња како Дејан Љубичиќ, Роберт Мудражија и Марко Солдо. И покрај најавените заминувања на Петар Сучиќ и, најверојатно, Мартин Батурина, не се очекува дека Адеми ќе добие позначајна улога во тимот.
Како најреална опција за продолжување на неговата кариера се споменува словенечкиот прволигаш Марибор. Таму спортски директор е неговиот поранешен соиграч Михаел Микиќ, што дополнително ја зголемува веројатноста за трансфер.
Пред само два дена во јавноста се појави и информацијата дека Стефан Ристовски исто така може да го напушти Загреб, па клубот од „Максмир“ во едно лето би останал без двајцата Македонци.
Фото: GNK Dinamo Zagreb/X