Удар по егото на Американците: Канаѓанец станува најплатен кошаркар во НБА!

Ѕвездата на Оклахома сити тандерс и канадски репрезентативец, Шеј Гилџес-Александер, наскоро ќе потпише нов, супер-максимален договор со шампионот на НБА лигата, со важност до 2031 година.

Вкупната вредност на „дилот“ изнесува 285 милиони долари, што значи дека ќе заработува над 70 милиони долари годишно што е највисока плата во историјата на лигата. Ова дефинитивно ќе биде удар по егото на Американците, кои ја измислија кошарката, со оглед што во последните девет години најплатен беше еден ист кошаркар – Стеф Кари.

Зад Гилџес-Александер е извонредна сезона, крунисана со шампионска титула. Тој беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на лигата, МВП на финалето на Западната конференција, а потоа и на големото финале. Дополнително, беше најдобар стрелец, член на Ол-стар тимот и првата најдобра петорка на сезоната. Тој со ваквите достигнувања стана само четвртиот кошаркар во историјата на НБА што во една иста сезона ги освоил титулите МВП на лигата, МВП на финалето и титулата за најдобар стрелец. Претходно тоа го направиле само Карим Абдул-Џабар, Мајкл Џордан и Шекил О'Нил.

Канадскиот бек во текот на сезоната, просечно бележеше 32,7 поени, 5 скока и 6,4 асистенции по натпревар. Тој ѝ се приклучи на Оклахома сити во 2019 година.

ФОТО: EPA PHOTO