„Срби, простете што се качив на црквата за да ви ја покажам албанската историја и знаме!“

Се сеќавате на Исмаил Морина, албанскиот навиач кој направи хаос во српската престолнина Белград пред шест години, кога со дрон леташе знаме на „Голема Албанија“ на мечот Србија – Албанија во квалификациите за Евро 2016?

Морина заврши по потерница во италијански затвор, но на барање на Србија не беше екстрадиран и низ годиниве, постојано го потенцираше своето херојство што го направил во српската престолнина. Сега, реши да им се извини на Србите, само што тоа го направи повторно – ептен провокативно.

„Велат сум ги навредил, сум го навреди нивното знаме, нивната вера... Не навредив никого, само им ја покажав историјата и нашето знаме. А дали се каам за потегот? Само се каам за една работа – што се качив на една црква! Ако Србите верници се навредиле поради тоа, навистина ми е жал. Барам прошка што се качив на црквата. За другото – чувствувам само гордост! Сето тоа беше моја идеја, моја способност и моја глупост“, вели Морина

Потегот со дронот среде Белград бил одговор за палењето на албанското знаме во Џенова, кога српските хулигани го прекинаа мечот со Италија. Откако дронот се појави над стадионот на Партизан со знамето на „Голема Албанија“, се случи хаос во кој влетаа и навивачи на Србија, па следеше бркотница, напад над албанските фудбалери и на крај службена победа за западниот сосед и казна за северниот.

Албанија после тој момент го искористи сето тоа за првпат во историјата да игра на едно Европско првенство и настапи на турнирот во Франција.