Сплитските хулигани се сликаа со одземените дресови на Ц. Звезда - цел свет им се смее! (ФОТО)

Фејсбук страницата „Балкански навијачи“ вечерва објави фотографија на која се гледаат одземените „трофеи“ од вчерашниот инцидент во Сплит, каде што локалните хулигани, за кои се претпоставува дека се членови на сплитска Торцида, нападнаа ватерполисти на Црвена Звезда.

Овој потег наиде на потсмев во сиот навивачки свет, зашто далеку од кодексите е да се напаѓаат спортисти, а не пак да се фалиш со одземени дресови и тренерки. Секако, настанот го осудија и постарите членови на Торцида, кои изјавија дека сето ова е масло на помладата гарнитура, која веројатно сакала да се докаже, но само ѝ направи непоправлива штета на една од најстарите и најдобри навивачки групи во Европа.

При вчерашниот напад, еден од младите спортисти од Белград мораше да скокне во морето за да се спаси, додека другите избегаа. Хрватската полиција соопшти дека уапсила тројца од петмината напаѓачи, кои со себе носеле шипки и ножеви.

Овој инцидент го осудија сите во поранешна СФРЈ, Србија ѝ упати на Хрватска протестна нота, имаше пресконференции и соопштенија од сите релевантни политички субјекти во двете земји, што само потврдува дека и така кревките односи на овие две земји, со најмал навивачки инцидент, можат повторно да влезат во сериозна криза.