ФФМ одреди трет град: Тиквеш и Воска нема да играат во Прилеп, ама ни во Скопје!

Фудбалската федерација на Македонија денеска соопшти дека бараж дуелот за пополнување на Првата лига помеѓу Воска Спорт и Тиквеш ќе се игра во Струмица на стадионот „Младост“. 

Оваа одлука била донесена во соработка со Министерството за внатрешни работи. Натпреварот првично требаше да се одигра во Прилеп на стадионот „Гоце Делчев“, но потоа ФФМ ја преиначи одлуката и објави дека ќе се одигра во Скопје на „Тодор Проески“. Следуваше остра реакција од Тиквеш, кој не сакаше промена на теренот, па сега од „трета мајка“ одреден е нов стадион за оваа пресметка.

„Бараж натпреварот за Прва МФЛ меѓу екипите на Тиквеш и Воска ќе се одигра на 22. мај во 17:00 часот на стадионот „Младост“ во Струмица. 

На зеднички состанок на Комисијата за безбедност и Комисијата за натпреварување во рамки на ФФМ во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) беше донесена одлуката за одредување на стадионот за одигрување на натпреварот.  

ФФМ преку Комисијата за безбедност испрати допис до МВР со барање информации во делот на преземање на безбедносни мерки за се одигра во најдобар ред бараж мечот Тиквеш - Воска и Комисијата за натпреварување ќе постапи согласно добиените информации. 

Како Фудбалска федерација на Македонија упатуваме благодарност до Министерството за внатрешни работи за конструктивната соработка како што била и досега. 

Веруваме дека со применување на прописите и почитувањето на превентивните мерки од надлежните институции и тела се гарантира вистински фудбалски спектакл. 

Фудбалската федерација на Македонија ќе направи сѐ што е во надлежност на федерацијата, двата бараж натпревари да се одиграат во спортска, фер и коректна атмосфера. 

Нѐ радува тоа што интересот на публиката за овие натпревари е огромен. Тоа потврдува дека сме на вистинскиот пат. 

Фудбалот победува“, стои во соопштението на ФФМ.