Само тројца фудбалери на Јунајтед се недопирливи – сите други се на продажба!

Според англиските медиуми, првиот човек на Манчестер Јунајтед, Сер Џим Ретклиф, кој пред крајот на ланската година го презеде управувачкиот пакет акции, сега планира комплетна реконструкција на екипата, како резултат на ужасните резултати речиси на сите полиња.

Клубот сака следната сезона да атакува на трофеи, за што му требаат поквалитетни фудбалери, а за да дојде до нив планираат да го распродадат речиси целиот состав. „Телеграф“ објави дека само тројца од сегашниот сениорски погон се недопирливи и нема да бидат на продажба и тоа Маино, Хојлунд и Гарначо, кои и тие се сметаат за иднината на „ѓаволите“.

Јунајтед во моментов е на шестата позиција на табелата во Премиер лигата, без никакви шанси за пласман во Лигата на шампионите, а до крај допрва треба да се бори за излез во Лигата на Европа или Конференциската лига, а тоа може да го стори и доколку го освои ФА купот, каде што во финалето за противник го има градскиот ривал Манчестер сити.