Ѓорческа со пресврт и фуриозен трет сет до осминафинале на челинџерот во Шпанија!

Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа, се пласира во осминафиналето на турнирот од челинџер-серијата во Леида (Шпанија), откако денеска беше подобра во пресметката со домашната натпреварувачка, Карлота Мартинез Сирез (3-6, 7-5, 6-1).

Македонката релативно лошо го почна мечот, па дозволи противничката да ѝ освои два по ред гема на нејзин сервис за да го добие овој дел од мечот. Вториот сет почна со фестивал на брејкови, со оглед што до 4-4 ниту една од тенисерките не си го сочува сервисот. Прва на кои тоа ѝ успеа беше Лина, која потоа направи уште еден брејк и изедначи. Третиот сет беше круна на добрата игра на нашата тенисерка, која по стартните 1-1 освои пет гема по ред за голем триумф против слично рангираната противничка.

Ѓорческа за место во четврт-финалето ќе ги одмери силите со победничката од мечот меѓу втората носителка Катарина Синиакова од Чешка (40. место на ВТА листа) и Алисија Паркс од САД.