Се стега обрачот: Димевски, Каевски и Мојсовски обвинети за проневера на пет милиони евра!

Против актуелниот прв човек на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, предводникот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски и неговиот претходник, Дарко Каевски, е поднесен предлог за обвинителен акт од страна на Основното јавно овбинителство, информираа денеска од оваа институција.

За нив тројца, но и за уште други девет инволвирани во аферата со спортскиот ваучер се побарани мерки за претпазливост, што значи дека тие треба постојано да му бидат на располагање на овој орган во обидот да се расчисти аферата. Сите 12-мина се осомничени за злоупотреба на службена должност и несовесно работење. ОЈО ваквите постапки ги презел по поднесената иницијатива од Државната комисија за спречување корупција. Според ДКСК, постои сомневање дека претседателот на АМС и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени. Штетата на Буџетот, за која Обвинителството обезбедило докази, неофицијално, засега е околу 5 милиони евра.

Спортскиот ваучер беше воведен како замена за претходниот Закон за данок, каде што беше предвидено даночно ослободување за фирмите што сакаат да инвестираат во спортот. Идеен творец е Димевски, тогаш од позиција на советник на поранешниот премиер Зоран Заев, кој само го ограничи овој начин на инвестирање во спортистите прво на шест, а потоа и на десет милиони евра. Останатите осомничени се дел од АМС, која беше во улога на креатор на листите според кои беа делени парите, на предлог на матичните федерации, но најчесто со дополнителни промени без никакво објаснување.

Реакции на начинот на поделбата на парите и пред се на критериумите, кои создаваа нејаснотии и забуна, а со тоа и простор за манипулација, конечно стигнаа до луѓето од ДКСК, коо, пак, по голема борба успеаја да се изборат нивниот предлог да биде официјализиран од ОЈО.