Битка на титаните за финале во ЛШ: Баерн Минхен го пречекува Реал Мадрид

Вечерва се игра првиот полуфинален натпревар во Лигата на шампиони (ЛШ) меѓу Баерн Минхен и Реал Мадрид, а овие екипи ќе се соочат по осми пат во оваа фаза од натпреварувањето и поранешниот германски шампион води со 4-3.

Историјата ни покажува дека баварскиот тим во вкупно 26 меча против Реал Мадрид славел 12 пати, три пати било нерешено и загубил 11 пати, но реалноста во моментов е поинаква и „кралевите“ се за нијанса поголем фаворит од нивниот голем ривал.

„Сите знаат што може Реал во Лигата на шампиони, не смее никој да нè потцени. Чувствуваме почит од сите, имаме голема самодоверба и се надеваме на добар резултат. Баерн нема добра сезона во Бундеслигата, но одигра спектакуларни натпревари против Арсенал“, кажа тренерот на Реал, Карло Анчелоти.

Баерн ја загуби титулата во Германија по 11 сезони, а разочара и во германските Суперкуп и Куп, па единствен спас на сезоната гледаат во елитното европско натпреварување.

„Сакаме да се пласираме во финале. Направивме чекор напред против Арсенал, а сега следниот треба да го направиме против Реал. Сакаме да бидеме конкурентни и да заигра во финалето“, кажа Томас Тухел.

Натпреварот меѓу Баерн и Реал Мадрид се игра од 21 часот, додека реваншот меѓу клубовите е закажан за 8 мај.