Кузманоски: Заспав како ракометар, се разбудив како криминалец!
Кузманоски е главен соговорник во истражувачката сторија на ИРЛ, на тема забранети суплементи за здравје и убавина, раскажувајќи го своето искуство. Тој беше суспендиран на девет месеци во ноември 2018 година, поради забранети супстанци најдени во неговиот примерок од урина. Меѓутоа уште веднаш излезе во јавноста со изјави дека неговата совест е чиста, а истражувањата потоа го потврдија тоа.
Кузманоски во тој период решил да користи таблети за намалување на тежината и прочистување од токсини од природно потекло. Јасно му било дека мора внимателно да прочита што внесува во своето тело, затоа се консултирал со фармацевтот од каде што ги набавил и се решил за таблети од линијата на „Слимлајн“, сметајќи дека не внесува ништо повеќе од природни стимуланси на неговиот метаболизам.
„Денот кога ја испив 25-тата капсула од пакување од 30 капсули беше денот кога ми го направија допинг-тестот. Заспав како најдобар стрелец, а се разбудив како најголем криминалец“, вели Кузманоски за ИРЛ.
Сакал да ја исчисти етикетата „допингуван“ од своето име, па испратил на испитување во Белград примероци од истите таблети купени во две различни македонски аптеки. Резултатите од Белград покажале и во двете имало присуство на забранети супстанци, во едните сибутрамин, а во другите флукосетин. Субитраминот е лек за слабеење и забранет за употреба повеќе од една деценија на пазарите во ЕУ, САД, пишуваат од ИРЛ, а токму тоа била супстанцата пронајдена кај Кузманоски.
Прочитајте повеќе во целосниот текст на ИРЛ.