
На Илинден почнува новата ера во македонската кошаркарска репрезентација
Вторпат по ред сме во овој сегмент со тоа што во 2021 година, поради пандемијата со корина вирусот, тој се играше во „балон“, а организатор беше Кошаркарската федерација на Македонија, во Скопје. Сега за противници ги имаме Романија и Унгарија, а пласман во главната рунда од квалификациите обезбедуваат само најдобрите две репрезентации.
На селекторската функција, како наследник на Александар Јончевски беше назначен Марјан Илиевски кој се соочи со низа проблеми при составувањето на тимот. Откажаа најдобрите кошаркари (Војдан Стојановски, Димитријевиќ, Шортс, Јакимовски...), па делумно и принудно беше извршено подмладување на репрезентацијата. Највозрасен во овој тим е натурализираниот Џејкоб Вајли со 31 година, зад него се Андреј Магдевски и Адем Мекиќ со 29, а потоа следуваат голем број кошаркари на 25 и помалку години.
По 18-дневни подготовки во Скопје, Гевгелија и Куманово, репрезентацијата вечерва од 20 часот ја пречекува Романија во својот прв натпревар од циклусот. Оптимизам влеваат двете сигурни и убедливи победи, проследени со релативно добра игра против Швајцарија минатата недела во Негорци.
Македонската репрезентација досега само еднаш не успеала да ги мине претквалификациите за големо натпреварување и тоа во 2017 година кога беше во група со Естонија и Косово. Со Романија имаме позитивен биланс и тоа во претквалификациите за Европското првенство што се одржа во 2022 година.
Судии на вечерашниот натпревар кој се игра во Куманово ќе бидат Јоргос Пурсанидис од Грција, Јенер Јилмаз од Турција и Венцислав Великов од Бугарија.