
Шкупи и покрај сите обвинувања за местење одигра „седум плус“ во Турција!
Најпрво мечот меѓу Шкупи и Арсими на 30 јули не се одигра зашто имало сомнеж дека биле уплатени големи суми на пари на пораз на клубот од Чаир со пет разлика. А потоа навивачката група „Шверцери“ обвини поранешни и сегашни функционери на клубот за местење натпревари и користење на прволигашот за личен профит.
Навивачката група алармираше дека Шкупи ќе замине во Турција, каде што ќе биде одигран сомнителен пријателски натпревар и поради тоа побараа реакција од институциите, но и покрај тоа чаирчани одиграа „седум плус“ со Анталијаспор и загубија со пет голови разлика (1-6).
Анталијаспор почна да ја полни мрежата на Шкупи уште во 18. минута кога Рамзи Сапури погоди за 1-0, а потоа стрелаше Абдулкадир Омур во 40. минута. Останатите голови беа дело на Томас Цванчара од пенал во 55. минута, а стрелаа и Сандер Ван де Стрек, Хасан Јакуб Илчин и Георги Џикија.
Фото: Facebook/FC Shkupi