Најскапиот меч во светот може да биде одложен поради – шпиунска афера!

Финалето од плејофот во англискиот Чемпионшип меѓу Саутемптон и Хал Сити, кое треба да реши која екипата ќе обезбеди место во Премиер лига, би можело да биде одложено поради дисциплинска постапка што ја води ЕФЛ.

Според „Би-Би-Си Спорт“, независна дисциплинска комисија го разгледува случајот познат како „Спајгејт“, а рочиштето треба да се одржи најдоцна до вторник. Саутемптон е обвинет за наводно нарушување на правилата, односно за следење на тренингот на Мидлсбро пред првиот полуфинален натпревар од плејофот на стадионот „Риверсајд“. По ремито без голови на првиот меч, Саутемптон славеше со 2-1 во реваншот на „Сент Мери“ и обезбеди финале против Хал Сити, кој во своето полуфинале го елиминираше Милвол.

Големото финале е закажано за 23 мај на легендарниот „Вембли“, но од ЕФЛ потврдуваат дека се разгледуваат и алтернативни сценарија доколку дисциплинската постапка или евентуалните жалби влијаат врз терминот. Финалето на плејофот во Чемпионшип со години важи за „најскапиот натпревар во светот“, бидејќи победникот добива огромен финансиски бенефит преку ТВ правата и настапот во Премиер лигата, проценет на околу 200 милиони фунти.

Директен пласман во елитата за следната сезона веќе обезбедија Ковентри и Ипсвич како најдобри екипи во регуларниот дел од шампионатот.

ФОТО: X / @SouthamptonFC