Ѓоковиќ откри зошто Словените се најдобри во тенис – не ја заборави ниту Македонија (ВИДЕО)

Заедничкото словенско потекло на народите од Балканот и Источна Европа повторно стана хит на социјалните мрежи, а главни „виновници“ за тоа се Новак Ѓоковиќ и Арина Сабаленка.

Најтрофејниот тенисер во историјата објави видео кое за кратко време стана вирално, а во него на духовит начин се објаснува зошто тенисер(к)ите со словенско потекло имаат толку силен форхенд и неверојатен удар од основната линија.

„Дали знаете зошто Словените се најдобри во тенис?“ – стои во видеото на Ѓоковиќ, по што следува сцена добро позната на Балканот - традиционално тресење теписи на метален држач во двор. Поради ова тој ја вклучи и Македонија во својата објава, со постирање на нашето знаме.

Токму тоа, низ шега, е претставено како „тајната“ за моќниот удар на тенисерите од овие простори. Објавата експресно стигна и до Сабаленка, која ја сподели со краток, но јасен коментар: „Вистина“.

Иако и двајцата доживеаја неочекувано рана елиминација на последниот мастерс во Рим, очигледно не го загубиле доброто расположение пред стартот на Ролан Гарос, кој за Ѓоковиќ ќе има и дополнителна тежина, бидејќи ќе брка историска 25. гренслем титула и уште едно испишување на тениската историја.