ДЕНЕСКА НА СП: Светот во очекување - Роналдо ќе тргне кон Меси или кон Јамал...

Вечерва се играат последните натпревари од групната фаза на Светското првенство по што ќе бидат познати сите двојки од 1/16-финалето.

Вниманието е насочено кон групите К и Л каде се играат директни дуели за пласман во следниот сегмент. Светот, сепак, со нетрпение го очекува настапот на Кристијано Роналдо и тоа каде Португалија ќе продолжи во нокаут фазата.

Европскиот првак од 2016 година се среќава со Колумбија во директна пресметка за првото место во групата. Колумбијците во моментов се лидери со максимален ефект, додека Португалија има четири бода и само победа ја носи на челната позиција. Ако слави на мечот кој почнува во 1:30 часот по полноќ, оди на страната од костурот каде што се наоѓа Аргентина и можен е дуел против актуелниот светски шампион во четвртфиналето. Тоа значи дека Кристијано Роналдо и Лионел Меси би можеле да се сретнат за првпат во историјата на едно светско првенство. 

Во случај на пораз или реми, Португалците одат во горниот дел, најверојатно на мегдан со Австрија и можно е во осминафиналето да се сретнат со европскиот шампион Шпанија, на 6 јули. Тоа е и потенцијален дуел на Роналдо со новата ѕвезда на светскиот фудбал Ламин Јамал кој, очигледно, влече последици од повредата и на првенствово не игра според очекувањата.

Интересно ќе биде и во групата Л каде Хрватска и Гана играат директен дуел за второто место, а Англија не би требало да има проблеми против аутсајдерот Панама. На „коцкестите“ им треба барем бод бидејќи така ќе бидат дел од осумте најдобри третопласирани репрезентации и ќе продолжат во нокаут фазата.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ:
23:00 часот
Хрватска - Гана
Панама - Англија
01:30
Конго - Узбекистан
Колумбија - Португалија
04:00
Алжир - Австрија
Јордан - Аргентина.