Африкански голман стана хит на интернет – „има“ 16 години, а изгледа како дедо!
Причина за огромното внимание не беа неговите одбрани, туку изгледот, поради кој многумина се сомневаат во неговите официјални 16 години. Талентираниот чувар на мрежата со неколку клучни интервенции ѝ донесе бод на Ангола во мечот против Мали (0-0), по што заслужено ја доби МВП-наградата. Но, фотографијата од доделувањето на признанието предизвика вистинска бура на интернет.
Откако Африканската фудбалска конфедерација (CAF) ја објави фотографијата од Дала со трофејот, социјалните мрежи беа преплавени со коментари и шеги дека голманот изгледа многу повозрасно од пријавените 16 години. Корисниците масовно споделуваа мемиња и духовити пораки, меѓу кои и дека „играл на СП 2006“, „има 16 години работен стаж“ или „имал 16 години кога Ангола стекнала независност“.
Случајот повторно ја отвори дебатата за евентуално лажирање на возраста на младинските турнири, тема која со години е присутна во африканскиот фудбал. Иако организаторите не ја доведоа во прашање возраста на Дала, португалскиот весник „А Бола“ потсети на слични контроверзии од минатото, поврзани со фудбалерите Карлос Понк и Аламара Џаби. Дополнителен интерес предизвика и фактот што младиот голман го носи истото име како и познатиот анголски репрезентативец Гелсон Дала, 29-годишен напаѓач кој настапуваше за Спортинг и Рио Аве, а сега игра за Ал Вакрах во Катар.
Без разлика на реакциите на интернет, останува фактот дека „младиот“ голман беше најзаслужен Ангола да освои бод против Мали на отворањето на турнирот. По првото коло во групата Ц, Ангола и Мали имаат по еден бод, додека Танзанија е лидер по победата од 3-0 против Мозамбик. Во следното коло Ангола ќе игра против Танзанија, а Мали ќе се соочи со Мозамбик.