Генијалната мајсторија на македонскиот репрезентативец, Ненад Димитријевиќ, во синоќешната пресметка на Хувентуд против Барселона е најспоменуваната и најчитана кошаркарска вест во текот на вчерашниот ден буквално во цела Европа.

Шпанците, очекувано, се во транс, не бирајќи суперлативи за да го пофалат потегот на 21-годишниот бек, кој в среда, речиси сигурно, ќе го добие признанието за кошаркар на годината во Македонија. Димитријевиќ си поигра со скапо платената ѕвезда на Барса, Маркус Дилејни, оставајќи го збунет и зачуден со својата маестрална финта на која можат да му позавидат и најголемите НБА-мајстори. Коментаторите буквално збеснаа, а навивачите на Хувентуд почнаа да се држат за глава не верувајќи на тоа што во живот го проследија.

На Балканот речиси и да немаше медиум кој не го пренесе видеото од овој магичен потег на нашиот репрезентативец, а долго ќе се памети и реакцијата на коментаторскиот двоец на Арена спорт телевизијата, кои исто како и шпанските колеги бурно ја проследија чудесијата на Димитријевиќ. „Македонецот ги остави ѕвездите на Барса во чудо“, „Што направи, Македонче“, „Потег за кој ќе се раскажува“, се дел од најкарактеристичните наслови на балканските медиуми, а шпанска „Марка“ потегот на нашиот кошаркар веднаш го спореди со мајсториите кои Лука Дончиќ ги прикажувал за време на настапот во дресот на Реал Мадрид.

Хувентуд, за жал, го загуби дуелот со Барса, а Димитријевиќ средбата ја заврши со 11 постигнати поени, секако со најдобриот потег на колото во ЕНДЕСА-лигата.