Кошаркарите на САД остануваат непоразени на Мундобаскетот во Кина, откако последниот меч од денешната програма далеку полесно од очекувањата ја совладаа Грција (69-53) за официјално изборен пласман во четвртфиналната фаза.

Дербито ги разочара сите љубители на кошарката, а играчите на двете селекции како да се натпреваруваа кој повеќе ќе погреши или промаши. Искусниот Грег Попович имаше одлична тактика за неутрализација на најкорисниот (МВП) играч во НБА, Јанис Антетокумпо, но и на најсилното противничко оружје – шутот. За тоа најдобро говори фактот што нашиот јужен сосед денеска едвај го погодуваше секој трет удар кон противничкиот кош (32-отсто), а погоди само седум тројки од дури 27 обиди.

Кемба Вокер со 15 поени беше најефикасен кај Американците, додека Антетокумпо и покрај силната одбрана мечот го заврши со 15 поени и 13 скока.

Овој пораз ги стави Грците во ептен непријатна ситуација, бидејќи сега не решаваат сами за својата судбина. Сега зависат од евентуалната победа на САД над Бразил, па со убедлив триумф против Чешка да се надеваат на пласман на второто место. Ако „кариоките“ ги изненадат Американците, тогаш тие дефинитивно ќе бидат вториот патник во четвртфиналето.