
КФМ со нов силен спонзор го почнува патот кон Мундобаскетот во Катар!
Соработката беше официјализирана на средба помеѓу главниот извршен директор и претседател на Управниот одбор на Комерцијална банка, Хари Костов и претседателот на КФМ, Томе Главчев.
„Горди сме што стануваме дел од кошаркарската приказна. Спортот ги носи вредностите што се темел на секое здраво општество – дисциплина, истрајност, тимска работа и почит. Како банка што седум децении вложува во развојот на заедницата, продолжуваме со инвестиции кои инспирираат“, истакна Костов.
Од Федерацијата го изразија своето задоволство што токму домашна компанија зазема водечка улога како спонзор.
„Особено ми е драго што една македонска институција ја презема оваа важна улога. Благодарност до Комерцијална банка и директорот Костов за укажаната доверба. Ќе сториме сè за да ја оправдаме“, изјави Главчев.
Македонската репрезентација завчера ги почна подготовките за претквалификациите СП 2027, во кои ќе ги одмери силите против Романија и Унгарија. Пласман во следната рунда ќе обезбедат двете најдобри селекции по средбите одиграно според системот дома-гости.