Младинците загубија место во четвртфинале, ќе се борат за избегнување на дното

Младинската репрезентација на Македонија доживеа пораз од Данска во последното коло од групната фаза на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Ерменија.

Скандинавците славеа со 89-85 што во комбинација со првиот резултат во групата значеше најлоша можна разврска за нашиот тим. Македонската репрезентација до ова коло имаше реални изгледи за влез меѓу осумте најдобри, а место тоа, ќе се бори за пласман од 17. до 21. место.

Веројатно кошаркарите на Горан Самарџиев беа шокирани уште на почетокот на второто полувреме кога стигна информација дека Австрија загубила од Швајцарија и дека се загубени шансите за пласман во четвртфиналето. Можеби затоа во третиот период Данците поведоа со седум поени разлика, а во последниот квартал ги имаа највисоките +8 иако претходно главно беше израмнето и на голем одмор се замина со резултат 44-44. Во последните секунди од мечот, Македонија имаше можност да израмни, Данците одлучија да го бранат последниот напад при водство од 88-85, но Младеновски избрза и шутираше тројка од лоша позиција иако го имаше осамен Иванов.

Својот прв противник во борбата за пласман, македонската репрезентација ќе го дознае вечерва.