Вардар по рутинска заверка во Сан Марино, Работнички и Силекс се надеваат на чудо

Вардар, Работнички и Силекс денеска ги играат реванш натпреварите од првото квалификациско коло во Конференциската лига, црвено-црните со една нога се пласирани понатаму, дебармаалци и кратовци се во лоша позиција.

Вардарци со победата над Ла Фиорита од 3-0 на Градски во Скопје, денеска во Сан Марино го играат вториот меч против овој полу-аматерски состав.

Високиот триумф обезбеден на првиот меч дава подлога за мирен реванш на момците на Седлоски, но сите во Вардар се максимално концентрирани и велат дека вечерва ќе истрчаат како да е 0-0.

Натпреварот меѓу Ла Фиорита и Вардар почнува од 21 часот.

Во најлоша позиција е Работнички кој со пораз од 3-0 се врати од Унгарија каде му беше гостин на белорускиот тим Торпедо Белаз.

Дебармаалци се надеваат дека еден ран гол во мечот ќе им даде крилја за чудо, но јасно е дека резултатот во првиот натпревар ги прави аутсајдери во оваа пресметка.

Натпреварот меѓу Работнички и Торпедо ќе почне од 18 часот на „Тодор Проески“ арената.

Еден час подоцна ќе почне мечот меѓу Силекс и Дечиќ, овој дуел се игра во тренинг центарот „Петар Милошевски“ при ФФМ.

Црногорскиот тим има предност од 2-0, па на момците на Васоски ќе им биде потребен совршен дуел да ја анулираат негативата и да дојдат до поласман во следното коло.

Реванш натпревари од квалификациите во КЛ:

Работнички - Торпедо 18 часот
Силекс - Дечиќ 19 часот
Ла Фиорита - Вардар 21 часот