
Шверцери удрија по турскиот сопственик на Шкупи: Доста беа лаги и измами – оди си!
Во писмото објавено на социјалните мрежи, навивачие на чаирчани велат дека во почетокот му дале поддршка на турскиот бизнисмен, верувајќи во неговите ветувања и планови. Но, како што велат, со текот на времето, „се покажа дека зборовите му биле празни, без никаква основа – само лаги и измами“. Навивачите го обвинуваат Коњали дека наместо да ја стабилизира ситуацијата во клубот, предизвикал хаос.
„Луѓето кои жртвуваа сѐ за овој грб, како Ндерим Неџипи и Хамза Рамани, беа принудени да си заминат поради лагите и задкулисните игри“, стои во соопштението.
Особено го критикуваат назначувањето на нов спортски директор, за кого тврдат дека има сомнително минато во турскиот фудбал и дека довел клубови до долгови. Состојбата, според нив, кулминира со тоа што тренери и играчи веќе не сакаат да се поврзат со клубот, поради „лажните ветувања и атмосфера на страв и несигурност“.
„Шкупи не е твој, туку наш – на Шверцери, на Чаир, на сите што стоеја на дожд, снег и под сонце за овој дрес. Ако немаш почит за грбот, историјата и народот – замини сам, пред да те избркаме ние!“, завршува пораката на навивачката група.