Партизан се заканил со излегување од АБА ако во неа играат Цибона и Морнар!

Кошаркарскиот клуб Партизан најави повлекување од АБА лигата доколку во неа следната сезона се најдат Морнар и Цибона, кои минатата сезона резултатски испаднаа од регионалната елита.

Оваа драстична најава дојде од претседателот на црно-белите, Остојa Мијаиловиќ, за време на денешното Собрание на ова натпреварување, каде што по претходни најави требаше воопшто да не се разгледува статусот на двата клуба. Сепак, прашањето се најде на дневен ред, а Партизан недвосмислено порача дека нема да прифати прекршување на претходно донесените одлуки – Морнар и Цибона да не бидат дел од АБА. Како одговор на ова, претставникот на Морнар, Ѓорѓе Павичевиќ, изјави дека клубот „во интерес на опстанокот на АБА лигата“ доброволно се откажува од настап во елитното натпреварување и ќе игра во АБА 2, а истата одлука ја донесе и хрватската Цибона, која исто така ќе им биде конкуренција на нашите МЗТ Скопје и ТФТ во второлигашката конкуренција.

Регионалната лига од следната сезона ќе брои 18 тимови, а како нови членови се приклучуваат романски Клуж и австриска Виена. Системот на натпреварување ќе биде променет – клубовите ќе бидат поделени во две групи со по девет екипи, а составите на групите ќе бидат објавени подоцна во текот на денот. Меѓу новите учесници се и Босна и Илирија, кои обезбедија промоција преку настапите во АБА 2 лигата. И покрај некои најави, Хапоел од Тел Авив нема да биде дел од новата сезона во АБА.