Ужасно: Три милиони кучиња ќе бидат убиени поради Мундијалот во 2030 година!

Мароканските власти планираат да убијат околу три милиони бездомни кучиња како дел од подготовките за Светското фудбалско првенство (СП) во 2030 година, обвинуваат меѓународни организации за заштита на животните.

И покрај официјалните негирања, сведоштва и извештаи укажуваат дека акцијата веќе е започната, со цел „чистење“ на улиците пред пристигнувањето на илјадници туристи и тимови. Мароко, заедно со Шпанија и Португалија, ќе биде ко-домаќин на јубилејното издание на Мундијалот, по повод 100-годишнината од постоењето на турнирот. Во рамки на подготовките, земјата инвестира во инфраструктура, стадиони и транспорт, но се соочува со жестоки критики поради обвинувањата за тајна кампања за уништување на уличните животни.

Десет организации за заштита на животните, предводени од еколошката активистка Џејн Гудол, во февруари ја повикаа ФИФА да реагира на „масовните заловувања и убиства на улични кучиња“ во Мароко. Гудол изјави дека е „длабоко згрозена“ од политиката на истребување заради подобра слика пред странските гости. ФИФА не одговори директно на писмото, но во изјава за Си-Ен-Ен наведува дека мароканската кандидатура содржи обврски за „заштита на правата на животните“, како и проширување на ветеринарните служби.