Кој e уапсениот менаџер Силјаноски и со кои македонски фудбалери соработувал?

Македонија од денеска и официјално се најде на црната фудбалска мапа на Европа, откако во Белгија беше уапсен Драган Силјаноски - Вуко, фудбалски менаџер, кој бил дел од групата осомничени за криминално здружување, местење натпревари и перење пари.

Македонската јавност не е добро запознаена со кичевчанецот Силјаноски, зашто тој немаше маркантна кариера како фудбалер.

Почнал во матичниот клуб Напредок, каде што бил член до 1990 година, кога преминува во прилепска ПОбеда, но потоа за кратко оди во Работнички. Игра на позицијата десен бек, а најдобрите настапи за македонски клуб ги има во тогашна Слога Југомагнат, која беше трикратен шампион на Македонија. Дури и има два повика за репрезентацијата на Македонија, кога селектор беше Ѓоре Јовановски.

По кариерата во чаирска Слога, заминува на гурбет и тоа во Белгија, во екипата на Антверпен, со посредство на срспкиот менаџер Ранко Стојиќ. Таму игра пет години, за во 2007 година да замине во израелски Макаби, каде што ја завршува кариерата.

Веднаш по завршувањето на играчката кариера, тој се сели во Белгија и почнува да работи како фудбалски менаџер. Секако, соработува со српски и хрватски менаџери, а таму и се запознава со Дејан Вељковиќ и тренерот Иван Леко, за кого белгиските медиуми пишуваат дека се мозокот на цела операција.

Силјаноски во такот на менаџерската кариера соработува со многу македонски фудбалери, а бидејќи беше „специјалист“ за Белгија, речиси секој трансфер на наш играч кој одеше во тамошен клуб,  беше преку Вуко. Така, тој посредуваше на трансферите на Томе Пачовски, Горан Мазнов, Ертан Демири, Ндерим Неџипи, а најпознат е сегашниот македонски репрезентативец Иван Тричковски. Силјаноски дури посредуваше и на транферот на Тричко од Белгија во Ал Наср, за кој се споменуваше дека е вреден над еден милион евра.

Силјаноски утринава е главна вест на сите белгиски медиуми и тоа како деветти приведен актер во акцијата „Чисти раце“. Се потенцира дека една од причините поради која е дел од истрагата е што е менаџер на хрватскиот тренер Иван Леко, кој е првоосомничен како предводник на Бриж. Тој работи и со хрватскиот фудбалер во редовите на Андерлехт, Иван Сантини, кој иако досега не е споменат од истражните органи, сепак, е поврзуван со скандалот.

Покрај нашиот Силјаноски, засега задржани од белгиската полиција се менаџерот Моги Бајат, неговиот помошник Лорен Денис, менаџерот Дејан Вељковиќ и неговата сопруга, менаџерот Карим Мехати, судијата Барт Вертанен како и двајца директори на белгискиот прволигаш Мехелен, Оливие Сомерс и Тјери Стиманс.

Овој скандал веќе трет ден го тресе белгискиот фудбал, откако медиумите јавија за голема полициска рација во дури 10 фудбалски клубови во оваа земја меѓу кои и најпознатите Бриж и Андерлехт. 

Според првичните извештаи, рацијата е поради сомнение за финансиски малверзации при трансфери на фудбалери, потпкупување судии, рекетирање и местење натпревари.  Белгиските власти го почнале случајот кон крајот на 2017 година, кога биле забележани сомнителни трансфери. Агентите и челниците на десетте клубови под истрага се обиделе да избегнат плаќање на данок, а подоцна било утврдено дека има индикации за наместени натпревари во Првата белгиска фудбалска лига. 

Полицијата освен што извршила претрес во десетте клубови, била и во домовите на осомничените лица.

Пред два дена и македонското јавно обвинителство објави дека вклучено и презема дејствија по барање на меѓународна правна помош. Оттаму посочија дека се преземаат дејствија, но повеќе детали за целиот скандал не соопштија.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е вклучено во меѓународната истрага за која покажувате интерес и презема дејствија по барање на меѓународна правна помош. Во моментов не можеме да споделиме повеќе детали“, ни рекоа од јавното обвинителство.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), откако избувна големата афера во Белгија, објави дека нема добиено ништо за аферата од надлежните институции, ниту од МВР, ниту од Интерпол.