Македонското обвинителство отвори истрага за скандалот во Белгија!

Откако голем скандал околу наместени мечеви ја потресе Белгија, а јавното обвинителство на оваа земја посочи дека целата во афера е вклучена и Македонија, јавното обвинителство во нашата земја денеска објави дека вклучено и презема дејствија по барање на меѓународна правна помош.

Белгија ја потресе сериозна афера за наместени мечеви, корупција и перење пари и веќе се извршени приведувања на осомничени лица во 44 рации низ државата, како што објави белгиското обвинителство, кое дополни дека уште 14 други се во низа земји меѓу кои и Македонија. Во приведувањето има низа менаџери, судии, како и тренерот на Бриж, Иван Леко.

Од македонското јавно обвинителство посочија дека се преземаат дејствија, но повеќе детали за целиот скандал не соопштија.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е вклучено во меѓународната истрага за која покажувате интерес и презема дејствија по барање на меѓународна правна помош. Во моментов не можеме да споделиме повеќе детали“, ни рекоа од јавното обвинителство.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) пред неколку часа, откако избувна големата афера во Белгија, објави дека нема добиено ништо за аферата од надлежните институции, ниту од МВР, ниту од Интерпол.