Ништо не се сменило: Нема играч што повеќе ја сака Барселона од Меси

Интер Мајами во саботата го освои својот прв трофеј во МЛС Купот по триумф над Ванкувер, а еден од сопствениците на франшизата од Флорида, Дејвид Бекам, имаше посебна причина за гордост, бидејќи сега има титула во ова првенство и како фудбалер и како функционер.

Во главна улога беше поранешниот ас на Барселона, Лионел Меси, со две асистенции, а Бекам по натпреварот зборуваше за тоа колку Барселона е важна за Аргентинецот.

„Би сакал Меси да живее во Мајами кога ќе се пензионира, но Лео ми рече дека размислува само за живеење во близина на Камп Ноу. Нема играч кој ја сака Барселона како него. Можете да го видите логото на Барселона на неговата нога, па дури и на шишето од кое пие вода“, рече Бекам откако Интер Мајами го освои МЛС Купот.

Минатата недела спортскиот директор на Барселона, Деко нагласи дека разговорите за враќањето на Меси во Барселона не се тема на разговор, бидејќи миленикот на навивачите има договор со Интер до крајот на 2028 година кога Аргентинецот би имал 41.