ФФМ му ја оствари желбата на Ангеловски – ќе испитува како ја добил ПРО лиценцата!
Во рамки на ревизијата, посебно ќе биде испитан и начинот на кој поранешниот селектор на македонската репрезентација, Игор Ангеловски, ја стекнал својата ПРО-лиценца. Од Федерацијата информираат дека оваа проверка е иницирана и по барање на самиот Ангеловски, со цел целосно разјаснување на постапката.
Ова е кулминација на војната која популарниот Мрме ја почна со неговата остра реакција по изборот на новиот селектор Гоце Седлоски (види ТУКА), по која набрзина доби одговор од Горан Пандев (види ТУКА), а подоцна и од Илија Најдоски и Николче Новески. „Спорт1“ во меѓувреме дојде до документите со кој Ангеловски и неговиот поранешен клуб Работнички, ја довеле во заблуда ФФМ, зашто со лажен допис тврделе дека поранешниот селектор, во времето кога работел како тренер во клубот од Дебар Маало, имал активна А-лиценца. А, немал! (поопширно ТУКА).
Комисијата ќе има задача да утврди дали во процесот на едукација и лиценцирање биле целосно почитувани утврдените рокови, пропишаните процедури и критериумите за посетување и учество на едукативните модули, како и дали постапката за издавање на тренерските лиценци е спроведена согласно важечките правилници. Од ФФМ посочуваат дека ревизијата ќе се спроведе транспарентно и без исклучоци, дури и за поранешни селектори како Ангеловски, а јавноста ќе биде навремено информирана за наодите и евентуалните понатамошни чекори што ќе произлезат од работата на комисијата.