Македонскиот фудбал доби нов модерен терен – за репрезентациите и прволигашите!

Фудбалската федерација на Македонија заокружи уште еден значаен инфраструктурен зафат, овој пат во тренинг центарот „Петар Милошевски“, каде што главниот терен доби целосно нов изглед и подобрени технички услови.

На мини-стадионот во скопската населба Ново Лисиче е поставена нова тревна подлога, инсталиран е современ систем за наводнување и изведена е нова дренажа, што овозможува квалитетни услови за тренинг и одигрување натпревари во текот на целата година. Со оваа инвестиција, македонскиот фудбал добива уште еден терен кој ги исполнува највисоките стандарди. Како и досега, на овој терен ќе можат да настапуваат и екипи од Првата лига, информираа од Федерацијата.

Дополнително, теренот ќе биде во функција на младинските репрезентации, а ќе служи и како база за тренинзи на сениорската А репрезентација, со што центарот „Петар Милошевски“ уште повеќе се зацврстува како клучна инфраструктурна точка на македонскиот фудбал.